Skip to main content

Сикорски: Советот НАТО-Русија повеќе не постои, европската безбедност се гради против Москва

marek-studzinski-on-unsplash

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски денеска изјави дека Советот НАТО-Русија, консултативен форум основан во 2002 година, повеќе не постои.

Тој, по разговорите на министрите за надворешни работи на земјите на НАТО во Брисел, им рече на новинарите дека ова тело било основано во време кога се чинело дека европската безбедност може да се гради заедно со Русија, но дека тие времиња поминале поради руските одлуки за „инвазии“, пренесе „Гардијан“.

– Денес ја создаваме европската безбедност против Русија и тоа конечно го доби својот институционален израз, рече Сикорски.

Одговарајќи на изјавите на рускиот претседател Владимир Путин упатени до Европа синоќа, Сикорски истакна дека „Русија е во значително послаба позиција отколку што мисли“.

– Можеби Путин лаже (за да помислиме дека не е така), но на некој начин, фактот што тој ни се заканува е корисен, бидејќи го фокусира вниманието овде на прашањето за поддршка на Украина, истакна тој.

Путин вчера изјави дека Русија не сака војна со Европа, но дека доколку ЕУ ја посакува, тогаш Русија е подготвена за борба.

Сикорски го коментираше и предлогот на ЕУ за заем за репарации на Украина, наведувајќи дека тоа е механизам кој „може да го одлучи исходот од оваа војна“.

– Ако Путин заклучи дека Украина ги има овие пари и може да ја финансира и државата и својата одбрана две или три години, тој ќе мора да преиспита дали може да ја продолжи својата војна уште две-три години, рече полскиот министер.

Сикорски истакна дека ги поддржува повиците белгискиот премиер да се откаже од противењето, нагласувајќи дека отклучувањето на замрзнатиот руски имот за Украина може да биде најголемиот фактор што го забрзува мирот, но додаде дека ја разбира загриженоста на Белгија во врска со ризиците и се надева дека предлозите на Европската комисија ќе дадат доволно уверување.

Европската комисија претходно денеска изнесе два паралелни предлози за задолжување и користење на замрзнатиот имот на Руската централна банка за да се помогне во покривањето на финансиските потреби на Украина за периодот 2026-2027 година. Извршното тело на ЕУ соопшти дека неговиот пакет од пет правни предлози вклучува „заем за репарации“ заснован на рускиот имот кој најголемиот дел се наоѓа во Белгија, како и забрана за враќање на тој замрзнат имот на Русија.

Предлозите опфаќаат и заштитни механизми за заемот за репарации, дизајнирани да ги заштитат членките на ЕУ и финансиските институции од можни мерки на одмазда, како и предложена измена со која би се овозможило користење на буџетот на ЕУ за поддршка на заемот за Украина.

Белгија го критикуваше предлогот на ЕУ за користење на замрзнатиот руски имот.

Поврзани вести