
Телевизиските реклами на американскиот претседател Доналд Трамп досега ги чинеле американските даночни обврзници најмалку 2,5 милиони долари, додека за таа кампања се издвоени вкупно 20 милиони долари, објави „Си-Ен-Ен“.
Финансирањето за кампањата било обезбедено преку Царинската и граничната заштита на САД (ЦБП), федералната агенција за спроведување на законот во рамките на Министерството за внатрешна безбедност на САД, на која претходно овој месец Канцеларијата за управување и буџет на Белата куќа ѝ додели 20 милиони долари .
ЦБП ппотоа ја ангажирал агенцијата ЛМД за национална медиумска кампања со иста вредност.
Според проценките на „ЕдИмпакт“ (AdImpact), трите реклами на Трамп се емитувале 2.766 пати од 23 до 29 септември на „Фокс њуз“ и четирите главни американски телевизиски мрежи. Околу 30 проценти од проценетиот износ бил потрошен за емитување реклами за време на натпреварите од НФЛ и колеџ фудбал.
Бидејќи рекламите се класифицирани како „јавни најави“, а не како традиционална политичка реклама, точниот износ на трошоците не е објавен или проверлив. Проценките на „ЕдИмпакт“ се базираат на датуми, термини на емитување, локални пазари и други фактори.
На крајот од секоја реклама стои пораката „Платено од Владата на САД“.

Македонски

