
Машка џиновска панда по име Пинг Пинг на возраст од шест години, и една година помлада женка – Фу Шуанг пристигнале од Кина во Зоолошката градина во Атланта, Џорџија во САД. Се очекува тие да помогнат во зголемувањето на популацијата на овој ранлив вид и во обидите природно да се размножуваат, објави „Си-ен-ен“ (CNN).
Пандите пристигнале во САД од Истражувачката база за размножување на џиновски панди во Ченгду, по едномесечен карантин и подготовки за долгиот лет. Пандите биле превезени со авион „Боинг 777“ на компанијата „Федекс“ (FedEx), па леталото е наречено „Федекс Панда експрес“. Летот до Атланта траел 16 часа. Пинг Пинг и Фу Шуанг патувале во специјално дизајнирани кафези, придружени со свеж бамбус, вода и нивните омилени задоволства. По слетувањето на Меѓународниот аеродром „Хартсфилд-Џексон“, тие биле превезени до Зоолошката градина под полициска придружба, во камиони украсени со мотиви од панди.

Посетителите ќе мора да почекаат околу еден месец за да ги видат, бидејќи во тек е рутински период на карантин во зона со висока биолошка безбедност во новиот комплекс за џиновски панди. Пинг Пинг – чие име значи „мир“, и Фу Шуанг, што во превод значи „двоен благослов“, се дел од кинеската традиција на тн. „панда-дипломатија“.
Нивното пристигнување во Атланта се случи еден ден откако кинескиот претседател Сии Џинпинг го посети Вашингтон и се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп. Според договорот, пандите ќе останат во Атланта 10 години – тие и нивното потомство ѝ припаѓаат на Кина и се очекува на крајот да се вратат таму. Во моментов, три зоолошки градини во САД чуваат џиновски панди. Зоолошката градина во Атланта претходно врати четири панди во Кина во 2024 година, според 25-годишниот договор.
Експертите истакнуваат дека размножувањето на пандите во заробеништво е тешко, делумно затоа што женките се плодни само еден до три дена во годината. Пинг Пинг и Фу Шуанг се избрани врз основа на возраста, здравјето, генетиката и карактерот.
Во 2016 година, Меѓународната унија за зачувување на природата ја промени класификацијата на овој вид од „загрозени“ во „ранливи“. Денес, џиновските панди во дивината живеат главно низ шест планински венци во Кина, со проценети околу 1.900 единки.

Македонски


