Skip to main content

Прогласување на годинашниот регионален книжевен избор „Штефица Цвек“ во КСП „Центар-Јадро“

Во рамки на есенската програма на КРИК – фестивал за критичка култура, Коалиција Маргини и Контрапункт Ве покануваат на прогласувањето на годинашниот регионален книжевен избор „Штефица Цвек“, кој ќе се одржи на 3 октомври 2026, со почеток во 19:30 часот, во КСП „Центар-Јадро“. По прогласувањето, поканети сте да прославиме заедно во Љубов бар, со Dj Disco Ninja, од 21:30 часот.

На прогласувањето ќе ги претставиме седумте избрани дела и автори_ки и ќе зборуваме за годинашниот избор, процесот на селекција и потенцијалноста на книжевноста да отвора други начини на живеење, сакање, поврзување и замислување.

По петти пат, „Штефица Цвек“ исцртува субверзивна, и различна од останатите, мапа на современата книжевност во регионот. Регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ им оддава признание на феминистички, квир и поинаку политички ангажирани дела објавени на БХСЦ и на македонски јазик. Именуван по ликот од романот „Штефица Цвек во челустите на животот“ на Дубравка Угрешиќ, изборот го пренасочува вниманието од култот на авторот кон самиот текст, истовремено задржувајќи ироничен однос кон самата идеја за книжевна награда. Наместо да поттикнува компетитивност, „Штефица Цвек“ избира повеќе книги со цел да отвори разговор за квалитетна, критичка книжевност и да го зајакне духот на заедништвото.

Годинава во конкуренција се најдоа осумдесет и два наслови, објавени во текот на 2025 година на македонски и на БХСЦ јазиците – романи, поезија, драма, книги за деца и млади, хибридни и мултимедијални дела и графички роман, зад кои стојат различни генерации и книжевни средини.

Првото жири, составено од Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, издвои триесет наслови во потесниот избор. Од нив, второто жири – Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин – ги избра седумте книги што ја сочинуваат годинашната „Штефица Цвек“, кои официјално ќе бидат соопштени на прогласувањето. 

И годинава „Штефица Цвек“ бара книжевност што не се плаши да ја спои политичката ангажираност и идеолошката смелост со свој, препознатлив книжевен израз. Книжевност што ги преиспитува нештата што ни се нудат како природни, нужни и непроменливи и која нè потсетува дека постојниот свет не е единствениот можен.

Книжевниот избор „Штефица Цвек“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ (Македонија), Побунети читателки (Србија), Нараториум (Босна и Херцеговина) и Културтрегер/Букса (Хрватска), со поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation, Heinrich Böll Foundation – Sarajevo и Rekonstrukcija Ženski Fond. Прогласувањето годинава се случува во рамки на есенската програма на Фестивалот за критичка култура – КРИК, куриран под тематот „Грижа: начини да се биде заедно“.

Поврзани вести