
СТАОРСКА ТРКА
Изложба на Ангела Бошевска и Ертунч Сали
19 октомври (понеделник) | 20:00 часот
Изложбата ќе биде отворена до 27 октомври
„Стаорска трка“ ја претставува современата човечка состојба — начин на живот во кој индивидуата е вплеткана во бескрајна, безмилосна трка за богатство, статус и моќ. Тоа е свет во кој сите трчаат, стремејќи се да бидат први, да го стигнат идеалот на успехот што постојано им бега пред очите.
Во овој циклус на непрекинато натпреварување, падот е неизбежен. Кога човекот ќе се сопне, трката не застанува — напротив, околината го проголтува. Зад него демнат ловците, фигури на суровата реалност што не познава милост. Она што започнува како потрага по успех, се претвора во борба за опстанок, во инстинктивен обид да се спаси она малку човечност што останала.
Циклусот продолжува генерација по генерација. Истата динамика се повторува, само лицата се менуваат. На крајот од патеката се појавува третата страна на приказната — Мршојадците. Тие не трчаат и не ловат, туку чекаат. Со клун веќе обагрен во крвта од претходните падови, тие подготвено ги дочекаат последиците на туѓите амбиции.
Преку метафората на трката и мршојадците, делото ја отвора темата за бескрајната потрага по успех и цената што таа ја носи. „Стаорска трка“ го поставува прашањето што често останува без одговор: Дали вреди да стигнеш прв, ако на крајот трката те изеде жив?
Уметниците Ертунч Сали и Ангела Бошевска ќе ја истражуваат темава со користење на техники од традиционален и модерен карактер. Со поразличен пристап кон темата, нивниот глад за изразување надвор од 2D продукциja ги тера да експериментираат со инсталации, скулптури и слики кои ќе бидат разиграни со светло и темница, се спремни да им понудат поразлично визуелно искуство на публиката.

Македонски

