Skip to main content

Православна црква стара речиси два века повторно ги отвора вратите, но како градски музеј во централна Турција

Video Screenshot

Православна црква „Свети Евстатиј“ во градчето Инџесу во централна Турција, изградена во 1836 година, повторно ги отвора вратите за посетителите, но овојпат како градски музеј со цел да се прошири мрежата на туристички локалитети во областа Кападокија, пренесува агенцијата „Анадолија“.

Старата црква, која му припаѓала на локалното грчко население пред размената на населението меѓу Грција и Турција во 1923 година, има добро зачувани фрески, камена архитектура и вредни натписи на караманлиски – турски јазик напишан со грчка азбука. Објектот во минатото бил користен како воен магацин, архива, театарска сала и стручно училиште, а во периодот од 2021 до 2025 година на храмот му беше извршена целосна реставрација врз основа на архивски фотографии, документи и усни сведоштва.

Според раководителот на Дирекцијата за историски градби и музеи при Општина Инџесу, Тајфун Таласли, локалните власти веќе започнале со под подготовките за уредување на новиот градски музеј.

Нашиот нов музеј, кој ќе го претставува материјалното и нематеријалното културно наследство на градот, ќе биде сместен на приземјето од реставрираната зграда. Посетителите ќе можат да дознаат повеќе за историјата на Инџесу, за значајните личности родени тука, како и за неговите архитектонски вредности“, вели Таласли за „Анадолија“.

Тој нагласува дека со оваа иницијатива општината се надева дека старата црква ќе стане еден од главните локалитети вклучени во пошироките туристички рути низ Кападокија.

Поврзани вести