Skip to main content

Шпанија против зголемување на одбранбените расходи на земјите од ЕУ на пет проценти од БДП

 Шпанскиот премиер Педро Санчез се изјасни против зголемувањето на одбранбените расходи на земјите членки на Европската унија на пет проценти од БДП, како што бара американскиот претседател Доналд Трамп.

– Иднината на Европа не треба да се темели на нејзината милитаризација, туку на единството и почитувањето на меѓународното право, изјави Санчез во интервју за шпанскиот весник Паис.

– Потребно е да се дејствува дипломатски за да имаме до 2035 година Европа што не е вооружена до заби, туку обединета Европа која го гарантира меѓународното право. Каков свет сакаме да им оставиме на нашите деца? Свет во кој одбранбените буџети изнесуваат пет проценти од БДП?, праша шпанскиот премиер.

Истовремено, Санчез призна дека во сегашните околности и Шпанија е принудена да ги зголеми сопствените трошоци за одбрана и безбедност. Тој рече дека тоа е чекор кон зајакнување на европската автономија во областа на одбраната.

Тој исто така нагласи дека Шпанија останува доверлив партнер на сојузниците од НАТО.

– Распоредувањето на шпанските војници на источниот фронт на Европа за заштита на Бугарија, Романија, Литванија и Естонија, кои беа изложени на неоимперијализмот на Путин, е најдобар доказ дека Шпанија е сигурен партнер, како во рамките на Алијансата, така и во однос на сопствените капацитети, изјави Санчез. 

Поврзани вести