
Советот за безбедност на Обединети нации денеска го осуди нападот врз Катар и повика на деескалација, без да именува кој го изврши нападот односно не го спомна Израел.
СБ изрази солидарност со Катар, инсистирајќи на неговата „витална улога во напорите за посредување во регионот заедно со Египет и САД“.
Советот за безбедност на ОН нагласи дека враќањето на заложниците, „вклучувајќи ги и оние убиени од Хамас“, и завршување на војната и страдањето во Појасот Газа мора да останат апсолутен приоритет.
Претходно, катарскиот премиер шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, изјави дека со нападот врз Доха, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „ја убил секоја надеж“ за ослободување на заложниците.
Израел на 9 септември изврши напад врз Доха, при што загинаа шест луѓе. Хамас тврди дека израелскиот напад бил насочен кон нивната преговарачка делегација, додека израелската армија тврди дека мета било раководството на Хамас.