
Кинеските производители на пластични божиќни елки и други празнични украси се соочуваат со сериозен пад на нарачките од САД, кои се клучни за нивниот извоз. Причината се новите високи царини кои ги воведе претседателот Доналд Трамп, со што тие достигнаа дури 104 проценти.
САД увезуваат околу 87 отсто од ваквите производи од Кина, во вкупна вредност од четири милијарди долари, а кинеските фабрики зависат од американскиот пазар, каде што пласираат околу половина од своето производство.
Некои фабрики веќе известуваат за откажани или одложени нарачки, а голем дел од нив ќе мора да отпуштат работници. Преориентирањето кон Русија, Европа и југоисточна Азија е алтернатива, но економистите предупредуваат дека ќе следуваат загуби, затворање на погони и раст на дефлацијата.
Според Американската асоцијација за божиќни елки, производството на украсени пластични елки не може да се префрли во САД поради недостаток на технологија и работна сила. Од таму додаваат дека индустријата е „весела и безбедна“, но сега е жртва на геополитичка пресметка.