
Државниот секретар Марко Рубио изјави дека САД се стремат да го купат Гренланд и дека неодамнешните изјави за островот не треба да се толкуваат како предупредување за воена инвазија, објавија американските медиуми во вторник.
Рубио ги даде коментарите за време на брифинг зад затворени врати со американските пратеници, изјавија извори запознаени со разговорот за Волстрит џурнал. Весникот наведува дека целта на американската администрација е да го купи автономниот остров што ѝ припаѓа на Данска.
„Њујорк тајмс“ го објави истото, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од своите помошници да презентираат ажуриран план за преземање на Гренланд. Трамп веќе ја спомена идејата за време на неговиот прв мандат како претседател.
Американската администрација неодамна ја засили својата реторика во врска со Гренланд. Во вторник, Белата куќа соопшти дека евентуалната употреба на воена сила е сè уште меѓу опциите што се разгледуваат.
– Претседателот и неговиот тим разгледуваат голем број опции за постигнување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, употребата на американската војска е секогаш опција што му е достапна на врховниот командант – изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.

Македонски





