
Претседателот на Комитетот за информативна политика на рускиот Парламент, Алексеј Пушков, изјави дека европските земји „едногласно го повикуваат“ американскиот претседател Доналд Трамп да ги почитува нормите на меѓународното право поради неговите претензии кон Гренланд, иако, како што наведе, истите тие норми самите ги прекршувале во минатото – од Југославија до Либија и Сирија.
Во објава на Телеграм, Пушков оцени дека е „малку веројатно прашањето за Гренланд да се реши на бениген начин“.
Погледнете како протестираат Данците и разни други Европејци. Тие едногласно го повикуваат Трамп да се сети на нормите на меѓународното право што самите тие постојано ги кршеле низ целиот свет – од Југославија до Либија и Сирија. Истите тие норми некако им излегоа од глава кога, заедно со САД, почнаа да го отцепуваат Косово од Србија. Затоа НАТО безмилосно ја бомбардираше СР Југославија, вклучително и Белград, 78 дена без санкции од ОН“, напиша Пушков.
Тој наведе дека обидите на југословенското раководство да се повика на меѓународното право биле игнорирани од НАТО и од Данска, како лојална членка на Алијансата, при што биле „флагрантно прекршени“ Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, со која Косово се утврдува како дел од Југославија.
Ги предупредивме и САД и Европејците дека со тоа ја отвораат Пандорината кутија, но тие ги отфрлија предупредувањата тврдејќи дека Косово е ‘посебен случај’. Данска активно го бранеше тоа произволно однесување“, изјави Пушков.
Тој додаде дека Европа, а особено Данска, сметала дека вакво нешто никогаш нема да ѝ се случи, но дека, како што рече, „била во голема заблуда“.
Пушков се повика и на интервју на Трамп за „Њујорк тајмс“, во кое американскиот претседател изјавил дека нема да биде задоволен со „никаква иднина за Гренланд, освен американска сопственост“, оценувајќи дека тоа би значело принуда Данска да го „продаде“ островот.

Македонски




