Skip to main content

Протестите на Чесите ја принудија владата на Андреј Бабиш да се откаже од назначувањето на контроверзниот инфлуенсер Филип Турек за министер

По демонстрациите во поддршка на чешкиот претседател Петр Павел, на кои десетици илјади Чеси првпат излегоа во Прага на 1 февруари, а вчера во речиси 400 градови и села, владејачката коалиција се откажа од номинацијата на контроверзниот инфлуенсер Филип Турек за министер за животна средина.

Премиерот Андреј Бабиш го пофали најмалиот коалициски партнер, евроскептичните конзервативци од партијата „Мотористи“, за тоа што попуштија и повеќе не инсистираат министерот за животна средина да биде нивен почесен претседател Турек, за кого беше измислена функцијата „владин претставник за Зелениот договор на ЕУ“.

„Кога веќе го видов тој притисок во општеството, сфатив дека е време да се повлечам. Направивме отстапка, логично е бидејќи спорот не беше добар за односот меѓу владата и претседателот. Во ред е Игор Червени да биде назначен. Сакам соработката на владата со претседателот и Брисел да биде добра“, рече Турек на прес-конференцијата по владината седница.

Турек утринава им рече на новинарите дека послушен човек ќе биде назначен за министер за животна средина  и дека тој,  всушност, неформално ќе го води Министерството.

Демонстрациите на почетокот на февруари беа организирани набрзина во Прага поради скандалот од крајот на јануари, кога се дозна дека новиот министер за надворешни работи, Петр Мацинка, лидер на „Мотористи“, му испраќал заканувачки СМС-пораки на  советникот на претседателот, во кои го уценувал шефот на државата да го назначи контроверзниот Турек за министер бидејќи во спротивно Мацинка ќе „му забрани на шефот на државата“ да ја претставува Чешка во странство и ќе го остави „само да полага венци“.

Претседателот Павел одби да го назначи Турек за министер бидејќи е познат по своите расистички и ксенофобични коментари на социјалните мрежи, со неколку слики на кои ја крева раката во нацистичкиот поздрав „Зиг Хаил!“.

Тој е познат и по тоа што му се заканува на вработен во амбасадата на Саудиска Арабија кому му оставил куршум на неговиот автомобил во гаражата, а познат е и по тоа што не го почитувал законот – возел побрзо од 250 километри на час, градел нелегално….

Од тие причини Павел верува дека таков човек не заслужува да биде министер, а за тоа има правна анализа и соодветен член од чешкиот Устав.

Од крајот на јануари, повеќе од 770.000 луѓе ја потпишаа петицијата „Застанувајќи со претседателот“ на невладината иницијатива „Милион моменти за демократија“. Тие масовно реагираат на повиците да ја покажат својата поддршка на улиците бидејќи очекуваат Павел да ги заштити независните демократски институции за Чешка да не го следи патот на Словачка и Унгарија со популисти и радикални националисти на власт.

„Вредности како што се слободата, демократијата, почитувањето на законот и фактот дека сме во Европската Унија и НАТО се она што нè прави слободна земја. Знаеме дека денес не е лесно јавно да се бранат овие вредности. Има напади врз вас, лаги и критики полни со омраза. Не дозволувајте тоа да ве поколеба. Сакаме да знаете дека не сте сами!“ – се пораката до претседателот Павел во петицијата.

Поврзани вести