
Тројца пациенти починаа кога синоќа избувна пожар во болница во Хамбург. Според медиумите, околу 50 лица се повредени, а едно лице е во критична состојба.
Пожарот избувнал среде ноќ во болницата „Мариен“ во хамбуршката населба Хоенфелде. Тројца пациенти не можеле да се спасат, а според портпаролот на противпожарната служба, 18 лица се тешко повредени, а повеќе од 30 полесно.
Според првичните информации, пожарот избувнал кратко по полноќ. Кога првите пожарникари пристигнале во болницата, тие затекнале катастрофална ситуација.
„На прозорците имало неколку пациенти кои барале помош“, изјави портпаролот на противпожарната служба Лоренц Хартман.
Според портпаролот, пожарот избувнал на приземјето од болницата, во геријатриското одделение, кое е специјализирано за нега на постари пациенти. Една пациентска соба била целосно зафатена од пламен. Пламен излегувал од прозорците, соопшти противпожарната служба.
Пожарот се проширил на првиот кат. На сите четири ката од болницата се забележувало дека има густ чад. Делови од болницата морале да бидат евакуирани.
На терен имало околу 160 пожарникари, кои ги спасувале луѓето користејќи скали со корпи, преносни скали и ходници со помош на таканаречените заштитни капи за дишење.
Пожарот бил изгаснат за околу половина час. Повредените пациенти биле делумно згрижени во одделот за итни случаи на болницата или биле префрлени во блиските болници.
Сè уште не е познато како започнал пожарот, ниту пак е позната материјалната штета.