
Поради зголемената закана од руски саботажи врз критичната инфраструктура во ЕУ, како и по две диверзии на железничката линија Варшава–Лублин, Полска од полноќ започна со операцијата „Хоризонт“, во рамки на која 10.000 војници ќе ја обезбедуваат железничката мрежа, соопштија властите.
Операцијата е директен одговор на владата на премиерот Доналд Туск на последните инциденти, за кои обвинителството веќе покрена постапки против двајца украински државјани. Според досегашните информации од истрагата, осомничените дејствувале како соработници на руските разузнавачки служби.
Генералот Кшиштоф Крул објасни дека не е можно физички сите пруги да се обезбедуваат, па затоа фокусот ќе биде на најважните сообраќајни јазли и делници од стратешко значење, особено оние преку кои се испраќа меѓународната помош кон Украина.
Во акцијата, покрај војската, ќе учествуваат полицијата, Железничката стража и припадници на Територијалната одбрана. На терен ќе патролираат и хеликоптери и воени дронови.
„Мораме да бидеме видливи – тоа само по себе е дел од одвраќањето. Целта е да ги пресретнеме и одвратиме терористите финансирани и инструирани од Истокот пред да се обидат со нови напади врз нашата инфраструктура“, изјави генералот Крул.
Минатиот викенд на пругата Варшава–Лублин, која е клучна за транспорт на западна помош кон Украина, на едно место со експлозив беше оштетен дел од шините, а на друго место машиновозач морал да запре воз со речиси 500 патници поради уништени електрични водови долги 60 метри.
Истрагата покажала дека двајцата осомничени Украинци – едниот веќе осудуван во Лавов за диверзија во фабрика за дронови, а другиот од Донбас со престој во Белорусија – влегле во Полска оваа есен, а веднаш по диверзијата побегнале назад во Белорусија.
Премиерот Доналд Туск и украинскиот претседател Володимир Зеленски се договорија итно да формираат заедничко тело за размена на разузнавачки и полициски податоци, со цел да се спречи влез на потенцијални агенти или соработници на Русија со украински пасош.
Полска исто така испрати нота до Русија и Белорусија со барање за екстрадиција на двајцата осомничени диверзанти, додека најмалку четворица нивни соучесници веќе се уапсени на полска територија.

Македонски








