
Полска ги стави во оперативна употреба првите борбени авиони Ф-35 од новата генерација, набавени од САД во рамките на обемната програма за модернизација и превооружување на вооружените сили, пренесува ДПА.
Полскиот претседател Карол Навроцки на церемонијата во воздухопловната база Ласк, во близина на Лоѓ, изјави дека со новите авиони Полска ќе биде побезбедна и посилна во наредните години.
Пред почетокот на церемонијата, повеќенаменските стелт-ловци прелетаа над Гдањск, Варшава и Краков.
Полска во 2020 година потпиша договор за набавка на 32 авиони Ф-35А во вредност од 4,6 милијарди долари. Авионите, кои припаѓаат на петтата генерација борбени летала, ќе бидат испорачувани етапно до 2029 година.
Навроцки и министерот за одбрана, Владислав Косињак-Камиш, оценија дека повеќемилијардниот договор е доказ за тесната соработка меѓу Полска и САД.
Од своја страна, Томас ДиНано изјави дека САД ќе ѝ одобрат на Полска заем од четири милијарди долари во рамките на американската програма за финансирање странски вооружени сили.
Со оглед на тоа што Полска се наоѓа на источното крило на НАТО и на ЕУ, земјата се чувствува сериозно загрозена од Русија. Поради тоа, Варшава настојува да набави голем број борбени авиони и тенкови со цел да ја изгради најголемата конвенционална армија во Европската Унија.
Воедно, полската морнарица наскоро треба да добие и подморници од Шведска.

Македонски



