Skip to main content

Песков: Русија нема намера да го напушти ОПЕК+

Русија нема намера да го напушти ОПЕК+, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Тоа е формат кој сепак овозможува значително, така да се каже, намалување на ваквите флуктуации на енергетските пазари и овозможува стабилизација на овие пазари“, рече Песков.

Зборувајќи за одлуката на Обединетите Арапски Емирати да го напуштат нафтениот картел, тој рече дека тоа е „суверена одлука“ на ОАЕ и дека Русија „ја почитува“, пренесува Спутник.

Тој додаде дека Москва смета на продолжување на продуктивните, конструктивни и ефикасни контакти со Обединетите Арапски Емирати, вклучително и соработката во рамките на енергетскиот дијалог.

Објаснувајќи ја својата одлука, ОАЕ изјави дека напуштањето на ОПЕК ќе им овозможи да го зголемат производството на нафта, бидејќи повеќе нема да бидат предмет на рестриктивните квоти на картелот.

ОПЕК е здружение на земји извознички на нафта, основано во 1960 година.

Организацијата ги контролира производствените квоти за да влијае на светските цени на нафтата.

Покрај Обединетите Арапски Емирати, организацијата ги вклучува Алжир, Екваторска Гвинеја, Габон, Иран, Ирак, Кувајт, Либија, Нигерија, Република Конго, Саудиска Арабија и Венецуела.

ОПЕК потпиша договори со уште 10 земји производители на нафта: Русија, Азербејџан, Бахреин, Брунеи, Бразил, Казахстан, Малезија, Мексико, Оман, Јужен Судан и Судан, со што се создава ОПЕК+.

Поврзани вести