Skip to main content

Осум лица обвинети за наводен заговор за напад врз настан одржан пред Белата куќа

Осум лица се обвинети за наводен заговор за напад врз Ултимејт фајтинг шампионатот (УФЦ), одржан пред Белата куќа на роденденот на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти американското Министерство за правда.

Според Обвинителството на Федералната единица Колумбус, осомничените планирале да употребат беспилотни летала со експлозив за да ги натераат присутните на евакуација, по што снајперисти требало да ги нападнат лицата означени како „високоприоритетни цели“ додека го напуштаат местото на настанот.

Властите претходно соопштија за уапсени седуммина осомничени мажи. Осмиот, 21-годишен маж за кого обвинителите тврдат дека требало да дејствува како снајперист, бил уапсен неделава во сојузната држава Западна Вирџинија.

Настанот, организиран од УФЦ, се одржа на 14 јуни во наменски поставена арена пред Белата куќа. На борбите присуствуваше претседателот Трамп, членови на неговото семејство и повеќе членови на американската администрација.

Иако се совпадна со 80-тиот роденден на Трамп, настанот беше организиран како дел од одбележувањето на 250-годишнината од независноста на САД.(МИА)

Поврзани вести