
Унгарија мора да одржува сојуз и добри односи со Македонија, Албанија, Бугарија за да го одржи мирот на Балканот и да ги запре мигрантите што е можно подолу на југ, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју.
Орбан разговараше со порталот Мандинер за време на големиот фестивал организиран од конзервативната институција МЦЦ во Естергом.
Мораме да имаме сојуз со Македонија, Албанија и Бугарија и да одржуваме добри односи со нив, што ќе биде важно за да ги пресечеме мигрантскиет канали што повеќе на југ. Инаку, мигрантите ќе се упатат кон Европа во стотици милиони. Ќе имаме сериозни проблеми ако не ја стабилизираме Африка – Африканците уште не се придвижиле. Не смееме да дозволиме инвазија. Задача на следната генерација политичари ќе биде да ја запрат мигрантската поплава која доаѓа кон нас од Австрија. Мораме да постигнеме договор со православните народи, со Романците, Словаците, Пољаците и Балканот. Само заедно ќе ја зачуваме христијанска Европа. Ако ние не изградиме политички сојуз, ќе се претвориме во западно-европските држави. Западот се предаде, но ние мораме да се побуниме, предупреди премиерот Орбан.
За оваа цел, унгарскиот премиер повика на прием на целиот Балкан во Европската Унија. Само така ќе се спречи разгорувањето на ривалските интереси во регионот, каде се активни САД, Русија, Турција, Европа, „па дури и Арапите“. Како важен дел од унгарската активност во регионот, Орбан ја посочи потребата од унгарски сојуз со Србија, „кој веќе се гледа во елементи на железничкиот и патниот сообраќај“. Орбан остро ја отфрли пресудата против водачот на босанските Срби Милорад Додик, „затоа што одби да спроведе одлуки донесени од страна на ЕУ“.
Во однос на војната во Украина, унгарскиот премиер изјави дека Русија вратиле дел од својата сила и решила дека може да се спротистави на натамошното ширење на НАТО. „Ние имавме среќа што влеговме во НАТО во 1999 година, кога Русија беше премногу слаба за да реагира. Оттогаш тие се зајакнаа, и ако некој се обиде да се приклучи на НАТО сега, тие ќе реагираат, како што видовме во Украина. Согласно меѓународното право, Украинците се во право, во ред е да симпатизираме со нив, иако тие не секогаш се однесуваат коректно кон нас“. Според Орбан, војната е резултат на нарушената рамнотежа на силите меѓу Истокот и Западот, и мирот ќе дојде кога Западот и Украинците ќе прифатат дека границата на НАТО не може да дојде толку блиску до Русија.
Во интервјуто, унгарскиот премиер им се обрати и на младите Унгарци, за кои вели дека дел од нив веќе чувствуваат монотонија по 15 годишната власт на неговата партија Фидес.
„Бунтот е природен дел од животот на младите луѓе, тие секогаш се бунтуваат. Имаме два вида бунтовна младина – либерална младина која се бунтува против владата и секој што е на власт, и национално определена младина која се бунтува против глобалните мрежи, против Сорос и меѓународните сили кои сакаат да не угнетуваат. Работа на родителите е да го сфатат ова, независно против што се бунтува нивното дете“.
Орбан оцени дека Фидес ќе извојува голема победа на изборите следната година независно од актуелните анкети.
Во пресрет на изборите, премиерот најави сериозни мерки за решавање на горливиот проблем на купување недвижности за младите. Почнувајќи од 1 септември, сите млади граѓани ќе можат да земат заем за купување на недвижност независно од нивниот брачен статус.
„Никаде во Европа нема можност некој на 18 годишна возраст да живее во свој дом“, изјави Орбан.
Владата воедно ќе остане цврсто определена на доживотното укинување на данокот на доход за мајки со најмалку две деца. „Жените со деца не смее никако да бидат изложени на финансиска неизвесност – тоа е целта на нашата даночна револуција“, изјави Орбан.