
Околу еден милион лица добиле помош во храна од Светската програма за храна (WFP) откако започна прекинот на огнот во Газа, објави денеска претставник на оваа агенција на ОН, повторувајќи го својот повик за повторно отворање на сите премини на територијата.
„Три и пол недели по прекинот на огнот во Газа, дистрибуиравме пакети со храна на приближно еден милион лица низ Појасот Газа“, изјави портпаролката на WFP, Абер Етефа, на прес конференција во Женева.
-Меѓутоа, за да ги прошириме нашите операции на потребното ниво и во согласност со нашите обврски, ни треба подобар пристап, првенствено до повеќе гранични премини и главните патишта во Газа, нагласи таа, истакнувајќи дека целта на WFP е да достигне вкупно 1,6 милиона лица.
„Сè уште имаме само два оперативни гранични премини“, додаде Етефа, повикувајќи на отворање премини на северот од територијата.
Таа нагласи дека „потрошувачката на храна малку се зголемила благодарение на хуманитарната помош и поминувањето на комерцијалните камиони“, иако „сè уште е значително под нивото од пред конфликтот“.
Покрај тоа, исхраната е ограничена во оваа фаза. -Домаќинствата претежно консумираат житарки и мешунки. Месото, јајцата, зеленчукот и овошјето се консумираат многу ретко, наведе таа.
WFP моментално има 44 оперативни места за дистрибуција на храна во Газа, од целните 145, објасни таа, додавајќи дека денеска приближно 700.000 лица секој ден добиваат свеж леб, што се обезбедува од 17 индустриски пекари спонзорирани од WFP, од кои девет се во јужниот и централниот дел на Појасот Газа и осум на северот од енклавата.
Светската програма за храна, исто така, објави дека 200.000 лица во Газа сега добиваат дигитални ваучери што им овозможуваат да купуваат храна и основни потреби на локалните пазари.
Израел неколку пати ја прекина помошта за Појасот Газа во текот на војната.
Пред прекинот на огнот, ОН речиси секојдневно предупредуваше за појава на глад во делови од оваа палестинска територија.

Македонски






