Skip to main content

Од студент со стипендија до осомничен за политичко убиство: Кој е Тајлер Робинсон?

Printscreen

Тајлер Робинсон од Јута, некогаш успешен ученик и стипендист на престижен универзитет, денес е главен осомничен за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, јавува CNN. Истражителите се обидуваат да откријат што довело до пресврт во животот на младиот човек со ветувачка иднина.

Робинсон, кој пораснал во мирно предградие во Сент Џорџ, завршил средно училиште во 2021 година со највисоки оценки. Истата година гордо објавил видео во кое чита писмо за четиригодишна стипендија од Универзитетот Јута Стејт. Но, по само еден семестар го напуштил факултетот и никогаш не се вратил. Подоцна се запишал во технички колеџ за обука на електричари.

Мотивот за злосторството сè уште се истражува. Во близина на местото на нападот била пронајдена пушка, а на чаурите биле врежани антиестаблишмент и антифашистички пораки, меѓу кои и стихови од италијанската песна „Бела чао“. Присутни биле и алузии на видео-игри и интернет мемови, што укажува на длабока вклученост во онлајн културата.

Сведоштвата за политичките ставови на Робинсон се контрадикторни. Некои поранешни соученици велат дека бил конзервативец и поддржувач на Доналд Трамп, додека други го опишуваат како повлечен, без изразени политички ставови. Регистриран е како независен гласач, но никогаш не гласал.

Соседи и познаници го опишуваат како „тивок“ и „незабележлив“, додека неговото семејство, познато по републиканската ориентација, не сака да ја коментира истрагата.

Пресвртниот момент настанал кога неговиот татко го препознал на фотографиите објавени од полицијата. При семејна конфронтација, 22-годишниот Робинсон наводно признал, велејќи дека „подобро би се убил отколку да се предаде“. По разговор со семеен пастор, сепак се предал на властите.

Досега тој одбива да соработува со истражителите, оставајќи без одговор клучни прашања: како едно „златно дете“ со стипендија и иднина пред себе заврши како осомничен за политички атентат.

Поврзани вести