Skip to main content

Нетанјаху го разреши советникот за национална безбедност Цачи Ханегби

Цачи Ханегби, советник за национална безбедност на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, денеска соопшти дека премиерот го разрешил и дека оваа одлука стапила на сила веднаш.

„Тајмс од Израел“ пренесе дека Ханегби, долгогодишен член на партијата Ликуд и поранешен министер уште од 1990-тите, наводно се спротивставил на планот на Нетанјаху во текот на летото да се започне со копнена офанзива врз Газа, како и на неуспешниот обид за убиство на лидерот на Хамас во Катар минатиот месец.

Во соопштението, Ханегби признава дека имало несогласувања со Нетанјаху, но истакнува дека е благодарен за можноста да учествува во креирањето на надворешната и безбедносната политика на Израел во „предизвикувачки години“.

„Му се заблагодарив на премиерот за привилегијата да бидам партнер во обликувањето на политиката на земјата, за можноста да изразам независни ставови во чувствителни дискусии и за професионалниот дијалог што го водевме, дури и во моменти на несогласување“, рече Ханегби.

Тој предупреди дека војната, која започна на 7 октомври 2023 година, и во која примирјето неодамна стапи на сила, сè уште не е завршена.

Нашите борци сè уште се во состојба на готовност на повеќе фронтови, а задачата за враќање на сите наши заложници сè уште не е исполнета, рече Ханегби.

Тој исто така потсети дека Израел сè уште не ја постигнал целта, ниту дипломатски, ниту воено, да ги отстрани терористичките организации од Појасот Газа, да ги разоружа и да се осигура дека територијата повеќе не претставува закана.

Ханегби презеде дел од одговорноста за она што го нарече „страшниот неуспех од 7 октомври“, нагласувајќи дека е потребна темелна истрага за да се извлечат лекции и да се врати довербата на јавноста.

Во претходниот период, Нетанјаху остана и без други клучни соработници. Началникот на Генералштабот, Чахи Брејверман, наскоро ќе ја преземе функцијата амбасадор на Израел во Велика Британија, додека се очекува министерот за стратешки прашања, Рон Дермер, да се пензионира од јавната служба во наредните месеци.

Поврзани вести