
Во нападот во кој, според венецуелските власти, американските сили го заробиле претседателот Николас Мадуро во Каракас, загинале најмалку 100 лица, соопшти министерот за внатрешни работи на Венецуела, Диосдадо Кабељо.
Тој изјави дека во нападот биле повредени и Мадуро и неговата сопруга Силија Флорес. Според неговите наводи, Мадуро се здобил со прострелна рана во ногата, додека Флорес имала повреди на главата и телото. Кабељо посочи дека двајцата се во стабилна состојба и се опоравуваат.
Досега – и нагласувам, досега – имаме 100 загинати и приближно ист број повредени. Нападот врз нашата земја беше ужасен“, изјави Кабељо во својата неделна емисија на државната телевизија, пренесува францускиот медиум Франс 24.
Според венецуелските власти, американските специјални сили на 3 јануари извршиле воена операција на територијата на Венецуела, при што го одвеле претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга во Њујорк. Американските власти, пак, тврдат дека Мадуро е обвинет за организирање меѓународна трговија со дрога.
Претходно беше соопштено дека за време на нападот делови од Каракас биле бомбардирани и дека загинале најмалку 24 припадници на венецуелските вооружени сили. Владата на Куба, исто така, потврди дека во американската воена акција загинале 32 кубански воени и полициски службеници кои биле ангажирани во Венецуела.
Вршителката на должност претседател на Венецуела, Делси Родригес, вчера прогласи седумдневна национална жалост во чест на припадниците на венецуелските безбедносни сили загинати во нападот врз Каракас.

Македонски




