
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денес изјави дека Европската Унија е секогаш подготвена за разговори со Русија во обид да се стави крај на војната во Украина, но дека нема да отвори никакви паралелни канали за комуникација.
„Секако, секогаш сме подготвени за разговори со Русија“, изјави Мерц пред новинарите во Абу Даби, објави Ројтерс.
Тој рече дека во моментов се водат координирани разговори во Абу Даби.
„Доколку можеме да придонесеме овие разговори да бидат уште подобри, уште поуспешни, ќе го сториме тоа. Но, нема да отвориме никакви паралелни канали за комуникација“, нагласи Мерц.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц од среда е во официјална посета на земјите од Заливот, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати, со цел зајакнување на политичките и економските врски, енергетската соработка и регионалната безбедност.
За време на посетата, Мерц разговараше со лидерите на ОАЕ во Абу Даби, а се очекува состаноците да опфатат теми почнувајќи од влијанието на војната во Украина врз глобалната енергетска безбедност, пазарите на гас и нафта, како и можностите за дипломатско посредување во меѓународните конфликти.

Македонски



