
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Руската Федерација Дмитриј Медведев изјави на социјалните мрежи дека ажурираната Стратегија за национална безбедност на САД личи „на обид за вртење на огромен брод“ кој долго се движел по инерција.
„Таа (новата стратегија) повеќе личи на обид за свртување огромен брод што долго одел по инерција и конечно решил да го промени курсот“, напиша Медведев, укажувајќи дека во ажурираната стратегија Вашингтон првпат по многу години отворено говори за потребата од обновување на стратешката стабилност во Евроазија и за подобрување на односите со Русија.
Според него, ажурираната стратегија претставува сигнал за подготвеност за разговори за безбедносната архитектура. „Тоа не се пријателски прегратки, но е сосема јасен сигнал: САД се подготвени да разговараат за архитектурата на безбедноста, а не само да измислуваат бесконечни, а најважно – бесмислени санкции. Точно, новите ограничувања за руската нафта значат продолжување на досегашниот курс“, наведе Медведев.
Тој оцени дека новата стратегија отвора можност за дијалог меѓу Москва и Вашингтон. „Сега прозорецот на можности за дијалог е подотворен“, напиша Медведев на својот канал на платформата Макс.
Медведев додаде дека стратегијата претставува сигнал за подготвеност на САД да разговараат за „безбедносната архитектура“, оценувајќи дека за Русија тоа значи отворање простор за „помалку или повеќе цивилизирана дипломатија“.
Белата куќа во петокот ја објави новата Стратегија за национална безбедност на САД, во која се бара Европа да преземе одговорност за сопствената одбрана. Во документот се наведува и дека Белата куќа се разликува во ставовите од европските официјални претставници кои имаат нереални очекувања во однос на конфликтот во Украина.

Македонски







