
Додека САД ретерираат на светската сцена, ЕУ треба да го искористи моментот и да се прошири, бидејќи проширувањето не значи само за вклучување на нови членки во Унијата, туку и обезбедување мир, стабилност и демократија во Европа, порача претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
Таа оцени дека проширувањето на ЕУ е геополитичка неопходност, предупредувајќи дека ако Унијата не успее да ги интегрира земјите како Украина, Молдавија и државите од Западниот Балкан, таа празнина ќе ја пополнат други, па затоа на кандидатите за членство треба да им се постави појасен пат.
Во последната деценија, Европа изгуби повеќе членки отколку што доби. Ако ние не се прошириме, ќе влезат други, изјави Мецола за „Еурактив“.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Мецола смета дека за да биде сфатена сериозно од нејзините партнери, пред се од САД, Европа мора „да покаже лидерство дома“, вклучително и преку јасен процес на пристапување заснован на заслуги.
Кредибилитетот на Европа и на глобално ниво и во трансатлантските односи, зависи од нејзината способност да биде лидер во сопственото соседство, додаде Мецола.
Според неа, иако постои загриженост на некои земји членки дека ЕУ е веќе „преголема и бирократска“, искуствата од претходните проширувања покажуваат дека тие ја зајакнуваат Унијата, наместо да ја ослабат.
Истите аргументи беа изнесувани и пред 20 години, истакна Мецола, додавајќи дека не се остварија тогашните стравувања за масовна миграција или економски нарушувања.