
Четири лица загинаа, а големи енергетски објекти во три украински области се оштетени во масовен руски напад со дронови и ракети во текот на изминатата ноќ, соопштија украинските власти.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека Русија ја нападнала Украина со 450 дронови и 45 ракети.
Три лица загинаа, а 12 се беа ранети во градот Днипро, при удар на дрон врз станбена зграда. Локалните власти во Харковската област јавуваат за уште еден загинат.
Премиерката на Украина, Јулија Свириденко, соопшти за штети на енергетски објекти во Киевската, Полтавската и Харковската област.
Зеленски инсистираше сојузниците на Киев да го засилат притисокот преку дополнителни санкции врз руската енергетика. „На секој руски удар врз нашата енергетска инфраструктура, кој им штети на цивилите непосредно пред зимата, мора да се одговори со санкции насочени против целата руска енергетика, без исклучоци“, напиша украинскиот претседател на својот канал на апликацијата Телеграм.
Од почетокот на војната во Украина пред речиси четири години, Русија постојано го напаѓа украинскиот енергетски сектор токму пред зимата, кога потрошувачката на енергија се зголемува. Само оваа есен, Москва девет пати ја нападна гасната инфраструктура на Украина, соопшти украинското државно енергетско претпријатие „Нафтогаз“.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека извршило „масовен удар со високопрецизно воздушно оружје со долг дострел, како и со оружје со копнено и морско базирање“ врз објекти за производство на оружје и енергија како одговор на украинските напади врз Русија.
Москва, исто така, соопшти дека руските сили продолжуваат да напредуваат во жестоките борби околу клучните градови Покровск и Купјанск, како и дека зазеле мало село во Источна Украина.
Украина редовно лансира свои дронови со кои напаѓа нафтени објекти во Русија. На овој начин, Киев се обидува да ги ограничи можностите на Русија да го финансира продолжувањето на војната во услови на неуспех на дипломатските напори за нејзино запирање.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 406 руски дронови и 9 ракети, додека 26 руски ракети и 52 дрона погодиле 25 објекти.
Свириденко изјави дека владата и енергетските компании работат на обновување на погоденото снабдување со електрична енергија, вода и греење.
Големи делови од два града во украинската Полтавска област се без струја и користат генератори за да обезбедат вода, соопштија локалните власти.

Македонски







