
Милијардерот Илон Маск на својата платформа Икс го исмејува американскиот претседател Доналд Трамп во врска со случајот на Џефри Епстајн и постоењето на таканаречената „листа на клиенти“, односно список на влијателни личности кои Епстајн наводно ги уценувал или соработувал при злоупотребата на жени. Маск постираше и објава во која се подбива бидејќи никој не е уапсен во врска со овој случај.
Маск објави мим на Икс во кој се потсмева со изјавите на државната обвинителка Пам Бонди, именувана од Трамп, која ветуваше дека ќе објави нови докази за случајот, но досега нема никакви резултати.
„Ќе ја објавиме листата на Епстајн“, „Ни треба уште време“, „Листата е на мојата маса“, „Листата не постои“, саркастично набројува Маск, алудирајќи на изјавите на Трамп и неговите соработници.

Тој, исто така, реагираше на вест од септември минатата година, кога Трамп најави дека ќе ги објави документите доколку биде избран. „Еве, секој момент“, иронично напиша Маск.
Пред неколку дена, Маск сподели објава во која се прашува зошто единствено Гислејн Максвел, соработничка на Епстајн, е осудена во овој случај. „Зошто таа е единствената што оди во затвор? Каде се сите мажи кои имале сексуални односи со малолетните девојки?“, стои во објавата, која собра над 23.000 лајкови и стотици коментари.
Нападите на Маск врз Трамп за неговите врски со Епстајн почнаа по јавниот конфликт меѓу нив двајцата во јуни.
Бонди, пак, вети дека ќе објави обемна документација поврзана со федералните истраги за Епстајн, но во неодамнешни интервјуа изјави дека доцнењето се должи на „десетици илјади“ снимки во посед на ФБИ, кои наводно содржат детска порнографија. Во февруари, Бонди на настан во Белата куќа сподели регистар со документи за Епстајн со поддржувачи на Трамп од социјалните мрежи, но се покажа дека во нив нема речиси ништо ново. Овој потег ги изненади и разгневи некои од сојузниците на Трамп, кои очекуваа објава на дополнителни детали.
ФБИ денеска соопшти дека во интерната ревизија, наредена од Трамп, не се пронајдени докази за постоење на тајна листа и дека со сигурност може да се потврди дека Епстајн извршил самоубиство во затвор во 2019 година.
Ова е во спротивност со тврдењата и теориите на заговор што со години ги промовираа сојузниците на Трамп.