Skip to main content

Маск и шефот на НАСА во клинч: Кој треба да ја води американската вселенска агенција?

Привремениот шеф на НАСА, Шон Дафи и милијардерот Илон Маск си разменија остри реплики на интернет за тоа кој треба да ја води вселенската агенција, еден ден откако Дафи ги покани компаниите да се натпреваруваат со „СпејсИкс“ на Маск за мисија за слетување на Месечината.

Спорот меѓу НАСА и главниот извршен директор на „СпејсИкс“ излезе во јавноста, откако Маск одговори на Х на извештаите дека Дафи сака да ја префрли Националната администрација за аеронаутика и вселенски програми (НАСА) во Министерството за транспорт. Дафи е и министер за транспорт на САД.

Човекот одговорен за американската вселенска програма не може да има низок коефициент на интелигенција (IQ), напиша Маск.

Еден ден претходно, Дафи во емисијата „Фокс & френдс“ на Фокс Њуз изјави дека развојот на „Старшип“ на „СпејсИкс“ доцни во однос на мисијата за враќање на луѓето на Месечината во рамките на програмата „Артемис“ на агенцијата, која се натпреварува со кинеската лунарна програма.

Како резултат на тоа, според Дафи, НАСА ќе покани други компании да се натпреваруваат за мисијата, која му беше доделена на „СпејсИкс“ во 2021 година.

Портпаролката на НАСА изјави дека Дафи се фокусира на тоа да ја победи Кина во трката за мисија на Месечината.

Шон рече дека НАСА може да има корист од тоа да биде дел од кабинетот, можеби дури и во рамките на Министерството за транспорт, но тој никогаш не рекол дека сака да ја задржи оваа функција за себе, додаде таа, осврнувајќи се на објава во „Волстрит Џурнал“ во која се наведува дека таков чекор би можел да ја гарантира улогата на Дафи во НАСА.

Ја сакам страста. Трката за Месечината почна, рече Дафи вчера, одговарајќи на објавата на Маск дека „Старшип“ „на крајот ќе ја изврши целата мисија до Месечината“.

Големите компании не треба да се плашат од предизвици, додаде Дафи.

Поврзани вести