Skip to main content

Мачадо изјави дека планира да се врати во Венецуела „што е можно поскоро“

Венецуелската опозициска лидерка и овогодинешна добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, денеска потврди дека планира да се врати „што е можно поскоро“ во својата татковина.

„Планирам да се вратам во Венецуела што е можно поскоро“, изјави Мачадо за американскиот телевизиски канал Фокс њуз, давајќи детали за својот политички проект, и покрај тоа што не ужива поддршка од американскиот претседател Доналд Трамп.

Без да открие каде се наоѓа, опозициската лидерка, која се крие повеќе од една година, остро ја критикуваше и Делси Родригез, која вчера положи заклетва како привремен претседател на Венецуела, нарекувајќи ја „еден од главните архитекти на тортурата, прогонот, корупцијата и трговијата со дрога“ што ѝ се припишуваат на Владата во Каракас.

Родригез изрази подготвеност да соработува со Вашингтон, но Мачадо рече дека таа е „отфрлена“ од Венецуелците.

„На слободни и фер избори, ќе победиме со над 90 отсто од гласовите, немам сомнение во тоа“, рече опозициската лидерка.

Таа ја поздрави американската операција во Венецуела и ги опиша постапките на Доналд Трамп како „историски“, дури и понуди да му ја „предаде“ и „сподели“ Нобеловата награда за мир. Трамп во саботата рече дека не ја смета Мачадо за соодветна да ја преземе функцијата од соборениот претседател Николас Мадуро, велејќи дека таа „нема поддршка и почит од својата земја“.

Поврзани вести