Skip to main content

МААЕ врши притисок врз Иран да даде одговор за исчезнатите залихи на ураниум

Фото: МИА архива

Шефот на надзорниот орган на ОН за нуклеарна енергија-МААЕ, Рафаел Гроси, денеска изврши дополнителен притисок врз Иран да даде одговор за местото каде што се наоѓа ураниумот што е со чистота блиска до степен да се создаде нуклеарно оружје.

Гроси, пренесува ДПА,  јасно порача дека Техеран мора „без одложување“ да достави извештај за состојбата на своите нуклеарни објекти и целиот материјал складиран во нив.

По израелските и американските воздушни и ракетни напади врз нуклеарната програма на Иран, во јуни, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) нема пристап до иранскиот ураниум, а станува збор за повеќе од 400 килограми ураниум збогатен до чистота од 60 отсто.

Се верува дека материјалот е во оштетените објекти од нападите. Експертите наведуваат дека со дополнително збогатување ова количество ураниум ќе е доволно за изработка на неколку нуклеарни боеви глави.

Техеран негира дека сака да се здобие со нуклеарно оружје.

Одборот на гувернери на МААЕ неделава се состанува во Виена. Германија, Франција, Велика Британија и САД изготвија резолуција со која го повикуваат Иран да ѝ даде на агенцијата „целосни и непосредни“ информации и пристап, пренесе ДПА.

Гласањето за резолуцијата, која не вклучува можност за какви било санкции за нејзиното непочитување, се очекува подоцна оваа недела.

Поврзани вести