Skip to main content

Лабуристите негираат раскол: Стармер убеден дека предводи „обединет тим“ и покрај непопуларноста

Facebook/Keir Starmer

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека предводи „обединет тим“, само неколку часа откако еден од неговите министри негираше каква било намера да го смени лидерот на лабуристите, кој е доста непопуларен една и пол година по стапувањето на функција.

Извори блиски до власта изјавија дека Стармер ќе се брани доколку има обиди за негова смена.

Според гласините кои кружат во британскиот Парламент, некои министри наводно планираат да го соборат премиерот по претставувањето на буџетот кон крајот на ноември, пишуваат британските медиуми.

Сепак, Стармер, кој е на власт од убедливата победа на лабуристите на општите избори во јули 2024 година, денеска им порача на пратениците дека предводи „обединет тим“, што предизвика смеа кај конзервативната опозиција.

Извори од Даунинг Стрит, кои медиумите ги опишаа како „сојузници“ на Кир Стармер, наведоа имиња на неколку лабуристички личности кои наводно „маневрирале“ со намера да го заменат. Станува збор за министерот за здравство Вес Стритинг, министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд и министерот за енергетика Ед Милибанд.

Нема да повикувам на оставка на премиерот. Го поддржувам премиерот, изјави Вес Стритинг (42) за „Скај Њуз“.

Според анкетата на ЈуГов од 3 ноември, 73 отсто од Британците имаат неповолно мислење за Кир Стармер.

Тој се соочува со зголемување на популарноста на екстремно десничарската партија Реформ Ју-Кеј на Најџел Фараж, која веќе неколку месеци води во анкетите.

Следните општи избори не се очекуваат пред 2029 година, но владата ќе се соочи со голем изборен тест на локалните избори во мај 2026 година. 

Поврзани вести