
Министерот за одбрана на Италија Гвидо Крозето денеска изјави дека светот се соочува со „најтешката криза досега“ и предупреди дека нуклеарната закана и ескалацијата на судирите претставуваат ризик што тој го опишува како „лудило“.
Крозето истакна дека ситуацијата во Иран и Украина ги покажува слабостите на мултилатерализмот и недостигот на поуки од минатите конфликти, вклучувајќи ги Хирошима и Нагасаки, пренесува „Кориере дела сера“.
– Се плашам дека тоа што веќе е трагично, би можело да стане уште полошо. Ништо не научивме – рече италијанскиот министер, нагласувајќи дека конфликтите бараат реакции на повисоко ниво и воена моќ, а не само технолошка или економска доминација.
Крозето ја критикуваше надворешната политика на американскиот претседател Доналд Трамп кон Иран, наведувајќи дека надворешните актери не можат да го запрат и дека меѓународната соработка мора да биде поефикасна.
Како што рече тој, Италија зазеде сериозен став, не поддржувајќи ја војната и настојувајќи да ја ограничи штетата, но предупреди дека какво било непромислено делување би можело да го зголеми ризикот по европската и глобалната безбедност.
Тој, исто така, одговори на критиките на опозицијата за италијанските воени бази во Заливот, нагласувајќи дека се почитуваат договорите и дека нивната отвореност не е политичко прашање, туку воена обврска.
– Просторот за маневар е неизбежно ограничен, особено ако не дејствуваме сите заедно. Европа мора да го разбере тоа – порача Крозето.

Македонски


