Градоначалникот на Кран-Монтана повеќе нема да носи одлуки за последиците од пожарот во барот во швајцарскиот скијачки центар за време на новогодишната прослава, соопшти денеска општинскиот совет.
Никола Феро ќе продолжи со своите други должности како градоначалник, но нема да биде вклучен во никакви одлуки во врска со пожарот, пренесе ДПА.
Одлуката дојде по вчерашната најава дека официјалната истрага за пожарот е проширена за да го вклучи и Феро. Обвиненијата што се разгледуваат вклучуваат предизвикување повреди или смрт од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.
Во тек е истрага за тоа дали градоначалникот ги занемарил своите надзорни должности, откако тој набрзо по пожарот призна дека општината не успеала да ја изврши задолжителната годишна инспекција на барот од 2019 година.
Сопствениците на барот, Жак и Џесика Морети, и две лица одговорни за безбедноста се соочуваат со слични обвиненија.
Во пожарот во барот „Le Constellation“ загинаа 41 лице, а околу 80 лица се тешко повредени, од кои многумина се помлади од 18 години и веројатно ќе останат во болница со месеци.
Истрагите сугерираат дека празничните прскалки ја запалиле пената на таванот и пламенот брзо се проширил. Тесните скали во подрумот на барот спречиле многумина да побегнат навреме.

Македонски

