Skip to main content

Кошта: Проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност на Европа

Printscreen/Facebook/Edi Rama

Проширувањето кон Западниот Балкан е јасен политички приоритет за Европската Унија и тоа е одраз на вистинската посветеност на ЕУ кон регионот и е најважната геополитичка инвестиција за мир, просперитет и стабилност на европскиот континент, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта при дочекот на албанскиот премиер Еди Рама во Брисел, најавувајќи притоа дека следниот месец ќе ги посети сите шест западнобалкански земји.

Рама денеска престојува во Брисел за учество на четвртата Меѓувладина пристапна конференција ЕУ-Албанија, на која ќе биде отворен кластерот „Внатрешен пазар“ од преговарачкиот процес на Тирана за членство во блокот, кој меѓу другите ги вклучува и поглавјата за слободно движење на стоки и на работна сила, за право на основање компании и за слободата на давање услуги.

Навистина е охрабрувачки да се види напредокот што го постигна Албанија на овој пат. Денеска отвораме нов кластер, а нашата амбиција е да отвориме повеќе преговори по кластери во текот на оваа година, бидејќи имаме многу конкретен распоред и сакаме да испорачаме, рече Кошта.

Според него, тоа е многу значајно за Европската Унија и за Албанија, но исто така е и многу важен сигнал за целиот регион, бидејќи најдобриот начин да се обезбеди просперитет, мир и стабилност на Западниот Балкан е со негово пристапување во Европската Унија.

Затоа ќе го посетам регионот во средината на мај, да ги посетам сите шест земји од Западниот Балкан и да ја унапредиме нашата соработка и нашите заеднички напори за да имаме добар резултат во овој пристапен процес, рече претседателот на Европскиот совет.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Кошта додаде и дека средбата со Рама е и добра можност да се разговара за претстојниот самит на Европската политичка заедница што на 16 мај ќе се одржи во Тирана.

Европа е повеќе од Европската Унија и повеќе од кога било е многу важно да сме сите заедно, обединети, бидејќи обединети сме посилни, а на светот му треба посилна Европа, заклучи Кошта.

Рама од своја страна истакна дека ја цени мудроста и вниманието што Кошта го посветува кон Западниот Балкан и кон Албанија.

Тој додаде дека со Кошта покрај за четвртата Меѓувладина пристапна конференција, ќе разговараат за Самитот на Европската политичка заедница, кој како што рече е важен настан во сегашниот развој на настаните, како и за состојбите во регионот.

Генерално, многу сум многу охрабрен од ваквиот развој на настаните и ние сме целосно посветени да го исполниме планот за завршување на преговорите за членство до 2027 година, истакна Рама.

Поврзани вести