
Европската Унија е целосно посветена активно да се ангажира со сите вклучени страни во спроведувањето на Мировниот план за Газа, порача синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по неговото учество на Мировниот самит во египетското одморалиште Шарм ел Шеик.
-Подготвени сме да учествуваме во Меѓународниот одбор за мир и да ги поддржиме сите процеси – транзициската управа, закрепнувањето и обновата. Штом условите дозволат, веднаш ќе ја зголемиме нашата хуманитарна помош. Европската Унија е најголемиот хуманитарен донатор за Палестинците и ќе ги зајакнеме нашите напори во тој правец, истакна Кошта.

Тој им се заблагодари на претседателите на САД и на Египет, Доналд Трамп и Абдел Фатах ел-Сиси за нивното лидерство и за организацијата на Мировниот самит и им честита на Трамп и останатите посредници за „успехот на Мировниот план“.
-Со ова кулминираа напорите на меѓународната заедница за прекин на огнот, за решението за две држави и за траен мир меѓу Израелците и Палестинците, додаде претседателот на Европскиот совет.
Кошта посочи дека неговите мисли се насочени кон жртвите на терористичкиот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година и цивилните жртви на војната во Газа.
-Сите живи израелски заложници сега се слободни и конечно повторно обединети со своите семејства по повеќе од две години неподнослива болка. Ова е момент на радост, надеж и славење. Исто така, е момент да се сетиме на оние кои не се вратија, истакна Кошта.
Тој посочи дека во согласност со посветеност на ЕУ за реформирање на Палестинска автономна управа, таа ќе продолжи со поддршката за неа и за нејзината реформска агенда, овозможувајќи Газа „да биде дел од една демократска држава ослободена од тероризам“.
-На Палестинската автономна управа за периодот 2025-2027 година и доделивме 1,6 милијарди евра и ќе продолжиме да придонесуваме, како финансиски, исто така, и со нашата експертиза во областите што ќе бидат од фундаментално значење во постконфликтната Газа, потенцира Кошта.
Претседателот на Европскиот совет најави дека ЕУ ќе придонесе и за стабилизација и обнова на Газа, вклучително и преку своите мисии ЕУБАМ Рафа и ЕУПОЛ, кои се подготвени да ја продолжат својата важна улога во одржување на безбедноста на границите, градење на капацитети и обука на полицијата.
-Се уште е долг патот кон мир заснован на решението за две држави – Израел и Палестина кои ќе живеат една покрај друга во мир и безбедност и без тероризам. Денеска сме обединети тука во нашата заложба да го оствариме тоа. Заедно, ќе помогнеме во обновата на Газа. За да можат Израелците и Палестинците да заздрават. Денеска се надеваме на мир. Денеска ја славиме надежта, додаде Кошта.
Извор: МИА