Skip to main content

Кошта: ЕИБ ќе игра клучна улога за безбедноста и одбраната на Европа

На актуелните геополитички промени треба да гледаме како на одлична можност за изградба на Европа на одбраната, со нови ресурси, алатки и инвестиции, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во видео обраќањето на годишниот Форум на Европската инвестициска банка (ЕИБ) што се одржува во Луксембург.

ЕИБ ќе има важна улога во тоа. Вашата улога беше клучна во дигиталната, енергетската и климатската транзиција, сега вие ќе имате клучна улога за нашата безбедност и одбрана, наведе Кошта во обраќањето, извинувајќи се што не може да присуствува во живо на Форумот поради неговите обврски околу денешниот специјален Самит на ЕУ во Брисел, посветен на поддршката на Украина и европската безбедност.

Кошта нагласи дека од особена важност е дополнително приспособување на практиките за кредитирање на ЕИБ за обезбедување повеќе заеми за одбранбениот сектор, со цел мирот и безбедноста на Европа да станат нова цел на јавните политики на ЕИБ и тие да се усогласат со новите политички приоритети на Европската Унија.

Додека ја градиме Европа на одбраната, мора да продолжиме и со нашата агенда за конкурентност и нашата стратешка агенда за автономија, особено за енергијата и критичните технологии и инфраструктури. Всушност, мораме да мислиме паралелно на се заедно: европската одбрана, европскиот заеднички просперитет и европската стратешка автономија. Тие се силата на Европа. Тие се за нашата заедничка иднина, заради нашата безбедност, квалитетни работни места и нови можности за нашите региони, додаде Кошта.

Според него, за да се надмине јазот во иновациите и продуктивноста во ЕУ, сега е совршено време за олеснување на животот на индустријата, без откажување од зелената и инклузивна транзиција и со интегрирање на европските пазари на капитал и насочување на заштедите кон продуктивни инвестиции, со што единствен европски пазар ќе стане поиновативен.

Оваа 2025 треба да биде година кога ќе испорачаме, заради безбедноста, просперитетот и одржливоста на сегашните и следните генерации, додаде Кошта во видео обраќањето на Форумот на ЕИБ

Поврзани вести