
Десеттиот состав на словенечкиот Парламент денеска ја започна својата конститутивна седница, јави агенцијата СТА.
На почетокот на седницата се обрати досегашната претседателка на Парламентот, Уршка Клакочар Жупанчич, која оцени дека новиот мандат ќе биде исполнет со сериозни предизвици во контекст на актуелните меѓународни случувања. Таа нагласи дека новоизбраните пратеници нема да имаат многу време за адаптација и учење.
Според конечните резултати од парламентарните избори одржани на 22 март, движењето „Слобода“ освои 29 пратенички места во Парламентот со 90 членови, додека Словенечката демократска партија (СДС) освои 28. Коалицијата составена од „Нова Словенија“, „Словенечката народна партија“ и „Фокус“ доби девет мандати, „Социјалдемократите“ и „Демократите“ по шест, додека коалицијата „Левица“ и „Весна“ и партијата „Ресница“ освоија по пет. Излезноста на изборите изнесуваше 70,25 проценти.
Се очекува Парламентот во текот на денот да избере и нов претседател, додека пред почетокот на седницата продолжуваа разговорите за обезбедување мнозинство. Лидерот на „Слобода“, Роберт Голоб, изрази оптимизам дека гласањето ќе заврши успешно до крајот на денот.
Словенечката демократска партија соопшти дека нема да предложи свој кандидат за претседател, додека „Ресница“ најави дека ќе излезе со сопствен предлог. Лидерот на СДС, Јанез Јанша, изјави дека партијата размислува за поднесување жалба до Уставниот суд во врска со Изборниот закон, тврдејќи дека имало неправилности во изборниот процес. СДС веќе поднесе неколку приговори до Државната изборна комисија, особено за гласањето во странство, но сите беа отфрлени.

Македонски


