
Израелската Влада денеска соопшти дека очекува сите 20 израелски државјани, кои сè уште се држат како заложници во Газа, да бидат ослободени утре рано наутро.
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху соопшти дека ослободувањето на последните живи заложници, кои ги држи радикалното палестинско движење Хамас, треба да започне утре во раните утрински часови – информација што претходно ја потврди и самата организација.
Портпаролката на израелската влада, Шош Бедросјан, изјави дека Израел е „подготвен да ги прими и телата на 28 убиени заложници, откако ќе бидат ослободени живите“.
Според договорот, дури потоа Израел ќе почне да ослободува стотици палестински затвореници од израелските затвори.
При последното примирје, потврдувањето на идентитетот на убиените заложници било извршено по обдукција во Израелскиот институт за судска медицина.
Бедросјан додаде дека живите заложници ќе бидат предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и ќе бидат транспортирани со шест до осум возила.
Таа, исто така, соопшти дека Израел нема да учествува на мировниот Самит за Газа што утре ќе се одржи во Египет под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп. – Ниту еден израелски претставник нема да присуствува, изјави портпаролката.