Skip to main content

Израел денеска одбележува 1.000 дена од војната во Газа

Денеска е 1000-тиот ден од војната во Појасот Газа, која започна кога милитантната палестинска група Хамас го нападна Израел на 7 октомври 2023 година, и во која досега загинаа повеќе од 73.000 луѓе.

Во регионот има војна во Иран и постојани немири во Либан, а не е постигнато трајно и цврсто примирје, додека привремените договори често се прекршуваат.

Судбината на повеќе од два милиони Палестинци во Газа, кои се претежно раселени и живеат меѓу урнатините, останува неизвесна.

Израел, според договорот за прекин на огнот што стапи на сила на 10 октомври минатата година, контролира повеќе од половина од територијата на Појасот, но Владата во Ерусалим ќе го прошири тоа на околу 70 проценти.

Пристапот до територијата е строго ограничен, а понатамошните чекори кон прекин на огнот, вклучително и разоружувањето на Хамас, се во застој.

Израелските напади значително се намалија откако прекинот на огнот стапи на сила, но продолжуваат речиси секојдневно, убивајќи најмалку 1.000 Палестинци од минатиот октомври.

Обединетите нации (ОН) вчера предупредија дека проширувањето на операциите на Израел во Газа го зголемува ризикот од смрт на цивилите во „области без јасна демаркација на теренот“.

Дипломатите ангажирани во посредувањето во мировните преговори проценуваат дека тешкото разоружување на Хамас е главната пречка за понатамошен напредок на договорот.

Разоружувањето на Хамас би го отворило патот за други чекори, вклучително и нова администрација во Газа и распоредување на меѓународни сили за стабилизација за обезбедување и обнова на територијата.

Палестинците во Газа тврдат дека им снемува сила, а организациите за дистрибуција на помош известуваат дека останува исклучително тешко да се пристапи до погодените области поради затворањето на граничните премини.

Во август минатата година во Појасот Газа беше прогласена глад, а експертите тврдат дека оттогаш ситуацијата значително е подобрена, иако останува тешка.

Неизвесната ситуација во Појасот Газа има лош ефект и врз изборите што есенва треба да се одржат во Израел, на кои премиерот Бенјамин Нетанјаху се кандидира за уште еден мандат.

Според анкетата на Израелскиот институт за демократија објавена минатиот месец, повеќе од 60 проценти од Израелците сметаат дека Нетанјаху не треба повторно да се кандидира.(МИА)

Поврзани вести