Skip to main content

Израелската армија почна нова офанзива во Појасот Газа

Очевидци тврдат дека израелски тенкови денеска навлегоа во централниот дел на Појасот Газа, а израелската армија соопшти дека нејзините сили ја таргетираат инфраструктурата на Хамас надвор од областите што моментално се под израелска контрола во рамките на енклавата.

Според очевидците, израелските тенкови се движеле долж главниот пат „Салах ал-Дин“, западно од „жолтата линија“ што ја означува границата помеѓу две третини од Појасот Газа, кои сè уште се под израелска контрола и покрај договорот за прекин на огнот постигнат пред повеќе од една година.

Во израелски воздушен напад во зоната на воената офанзива загина едно лице, соопштија палестински медицински лица.

Според нив, во претходни израелски воздушни напади денеска загинале уште две лица, во Деир ал-Балах и во градот Газа.

Портпарол на израелската војска изјави дека силите започнале операција против „инфраструктурата на Хамас“ западно од жолтата линија во централна Газа, а претходно денеска извршиле напад врз милитант во јужниот дел на Појасот Газа.

Договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври 2025 година, стави крај на големите борби во војната на Израел против Газа, но не успеа да ги запре израелските напади, ниту пак доведе до разоружување на Хамас. Израел тврди дека Хамас се прегрупира и повторно се вооружува, поради што ги интензивираше нападите врз исламистичката група. Хамас пак го обвинува Израел дека се обидува да го поткопа договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на САД.

Според здравствените власти во Појасот Газа, најмалку 1.600 Палестинци се убиени откога договорот за прекин на огнот стапи во сила, а израелските вооружени сили известуваат дека загинале пет израелски војници.

Палестинските власти наведуваат дека повеќе од 74.000 луѓе во Газа се убиени за време на воената кампања што ја почна Израел, по нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој во јужен Израел беа убиени приближно 1.200 луѓе. (МИА)

Поврзани вести