
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац денеска изјави дека техничката влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху не треба да бара дозвола од опозицијата за да започне воени операции во Газа и против Иран, објави „Тајмс оф Израел“.
„Не ни треба одобрение од опозицијата или од кој било друг законски орган за да и наредиме на војската да изврши целни ликвидации во Газа, одбранбени операции и напади во Либан, да одржува безбедносна зона во Сирија за да ги заштити заедниците во Голанската Висорамнина или да го исчисти терористичкото упориште во Хеброн. Кога станува збор за Иран, покажавме решителност и разумност, во целосна координација со војската“, објави Кац на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека во Израел во моментов има премиер и министер за одбрана кои ја водат војската и влада одговорна за донесување на сите одлуки во врска со безбедноста и заштитата на граѓаните.
Претходно, мандатарот за состав на новата влада, Гади Ајзенкот, лидерот на опозициската партија Јашар, го повика Нетанјаху редовно да му известува за безбедносните прашања, со предупредување дека додека не се формира новата влада, армијата не треба да се вклучува во операции што не се вонредни.
Предупредувањето на Ајзенкот до Нетанјаху, како и неговото барање до државниот обвинител да интервенира и да му наложи на премиерот да го информира за ситуацијата, следеше по медиумските наводи дека Нетанјаху планира воена операција против Иран и покрај противењето на шефовите на безбедносните служби.
Израелските медиуми претходно објавија дека Нетанјаху се обидел да направи сличен потег против Иран во пресрет на изборите на 27 октомври, на што безбедносните претставници исто така се спротивставија во тоа време, стравувајќи се дека тоа може да доведе до ескалација на конфликтот и да го загрози одржувањето на изборите. (МИА)

Македонски



