Skip to main content

Иран отворен за можноста за преместување на ураниумот во друга земја, но под услов

Freepik

Иран би можел да ги премести своите залихи на збогатен ураниум во друга земја во случај на договор со САД за иранската нуклеарна програма, изјави денеска иранскиот амбасадор во ОН, Амир-Саид Иравани, според порталот Ал Монитор.

Преносот на збогатен ураниум од 20 до 60 проценти не би била црвена линија за Техеран, рече Иравани, додавајќи дека материјалот исто така би можел да остане во Иран под надзор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ).

Меѓутоа, тој нагласи дека Иран нема да се откаже од своето право на домашно производство на ураниум, што е услов кој Соединетите Држави жестоко го отфрлаат.

Иравани исто така исклучи какви било ограничувања на иранската програма за производство на балистички проектили и повтори дека нов договор би зависел, меѓу другите услови, од укинувањето на меѓународните санкции.

Неговите изјави доаѓаат неколку часа откако иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, на X напиша дека Иран е подготвен да ги продолжи преговорите за нуклеарната програма со САД, иако го повика Трамп да го ублажи својот тон.

– Ако претседателот Трамп е искрен во врска со постигнувањето договор, треба да го тргне навредливиот и неприфатлив тон кон иранскиот врховен лидер, големиот ајатолах Хамнеи, и да престане да навредува милиони негови искрени следбеници, рече Аракчи. „Од добра волја се раѓа добро, од почит се раѓа почит“, додаде тој.

Трамп неодамна изјави дека нови преговори со Иран ќе се одржат „следната недела“, иако не откри други детали. Неколку претходни рунди преговори меѓу Вашингтон и Техеран не доведоа до договор.

Претходно овој месец, тензиите нагло ескалираа кога Израел, обвинувајќи го Иран дека се приближува до точка без враќање во својата цел за добивање нуклеарно оружје, изврши напади врз нуклеарни постројки, одбранбени позиции, градови и енергетска инфраструктура за време на 12-дневен конфликт. Повеќе од 20 високопозиционирани ирански функционери беа убиени, некои во своите домови. САД исто така интервенираа со напади врз иранските нуклеарни постројки.

Трамп подоцна рече дека нападите ја уназадиле иранската нуклеарна програма за неколку години, а на прашањето дали би нападнал повторно ако Иран продолжи со збогатување на ураниум, одговори потврдно, инсистирајќи дека Иран не смее да се здобие со нуклеарно оружје.

Како одговор на нападите, иранскиот парламент оваа недела изгласа закон со кој се суспендира соработката со МААЕ. Меѓутоа, Техеран официјално не ја известил агенцијата, а експертите велат дека преговорите не можат да продолжат без технички надзор од МААЕ.

Иран и понатаму тврди дека својата нуклеарна програма ја развива исклучиво за цивилни цели. МААЕ верува дека Иран успеал да произведе 400 килограми ураниум со чистота од 60 проценти. Експертите сметаат дека тој може да се искористи за производство на неколку нуклеарни бомби доколку материјалот дополнително се збогати до 90 проценти. Не е јасно што се случило со залихите по американските и израелските напади.

Поврзани вести