
Маж удрил со својот автомобил во влезната порта на Тајната служба на Соединетите Американски Држави пред Белата куќа вчера вечер, објави агенцијата.
Според Тајната служба на САД (USSS), инцидентот се случил кратко по 22:30 часот во Вашингтон. Агенцијата во објава на својата платформа Икс соопшти дека „лицето е уапсено, а возилото е прегледано и оценето како безбедно“.
Претседателот Доналд Трамп бил во Белата куќа во времето на инцидентот, според „Њујорк тајмс“.
Властите не дадоа дополнителни информации за идентитетот на возачот или можниот мотив.
Ниту Белата куќа ниту Тајната служба не одговорија на прашањата за инцидентот.
Оваа недела големо внимание е насочено кон Белата куќа поради тековното рушење на Источното крило за изградба на нова балска сала.
Во последните години имаше и други сообраќајни несреќи пред портите на Белата куќа, вклучувајќи една во мај 2024 година и друга во јануари 2024 година. Во мај 2023 година, возач удрил со изнајмен камион „Ју-Хол“ во порта, а подоцна им кажал на властите дека планирал да го убие поранешниот претседател Џозеф Бајден.
А безбедноста на политичарите е во центарот на вниманието по двата обиди за атентат врз Трамп минатата година, заедно со неодамнешните напади со висок профил врз важни личности од двете главни партии.
Порано оваа година, Мелиса Хортман, демократска пратеничка во Минесота, беше убиена во она што официјалните лица го опишаа како политичко убиство. А минатиот месец, Чарли Кирк, сојузник на Трамп, беше смртно застрелан на универзитетски кампус во Јута.