Skip to main content

Хамас: Одржани директни преговори со САД во Доха

Претставници на Хамас и САД одржале директни разговори во Доха, изјавија денеска за АФП двајца функционери на палестинското исламистичко движење, пренесува Бета. Едниот од нив изјави дека е постигнат напредок кон воспоставување примирје во Појасот Газа.

„Во Доха се одржаа директни разговори меѓу раководството на Хамас и САД за прекин на огнот, размена на заложници (израелски заложници за палестински затвореници) и влез на хуманитарна помош во Газа“, изјави неименуван функционер на Хамас.

Вториот функционер на Хамас рече дека е „постигнат напредок, особено во врска со влезот на хуманитарна помош во Појасот Газа, тековните преговори за размена на заложници, особено за (израелско-американскиот заложник) Едан Александар, како и за прекин на огнот во Појасот Газа“.

Израел по двомесечното примирје, на 18 март ја продолжи офанзивата во Појасот Газа со цел да го принуди Хамас да ги ослободи заложниците што сè уште се наоѓаат таму од 7 октомври 2023 година.

Преговорите за прекин на борбите, со посредство на Египет, Катар и САД, досега беа неуспешни.

„Следните неколку часа се клучни“, изјави функционер на Хамас. 

Поврзани вести