
Тахир ал-Ноно, висок функционер на Хамас, изјави дека групата е подготвена да ги ослободи сите заложници што ги држи, мртви и живи, но само по завршувањето на војната во Газа и повлекувањето на израелските сили.
„Присуството на затворениците е привремено до крајот на војната и достоинствена размена. Подготвени сме да ги ослободиме сите, но тоа мора да биде дел од сеопфатен договор за завршување на војната“, изјави ал-Ноно за катарскиот канал Ал-Араби.
Тој додаде дека меѓу заложниците има и такви што починале и дека е потребна специјална опрема за извлекување на нивните тела.
Зборувајќи за најновиот план на САД за прекин на конфликтот, ал-Ноно истакна дека Хамас сè уште официјално не го добил документот, ниту учествувал во преговорите.
„Откако ќе го добиеме планот и раководството ќе го проучи, ќе го објавиме нашиот став“, рече тој.
Ал-Ноно нагласи дека Хамас поддржува формирање на технократска влада која би управувала и со Газа и со Западниот Брег, во соработка со Палестинската самоуправа.
Тој, исто така, го повтори ставот на движењето дека одбива разоружување.
„Вооружениот отпор е право на палестинскиот народ сè додека постои окупација. Кога ќе се воспостави палестинска држава, оружјето повеќе нема да биде потребно“, заклучи тој.