Skip to main content

Хамас испраќа делегација во Каиро за нови разговори за примирје во Појасот Газа

Фото: Freepik

Делегација на палестинското исламистичко движење Хамас денеска треба да пристигне во Каиро за разговори со египетските посредници за евентуално ново примирје во Појасот Газа, соопшти висок претставник на движењето.

– Очекуваме состанокот да придонесе за вистински напредок кон договор што ќе стави крај на војната и агресијата, и ќе овозможи целосно повлекување на окупациските сили од Газа – изјави функционерот, алудирајќи на Израел, пренесува БТА.

Тој додаде дека и покрај медиумските извештаи за разменети предлог-документи меѓу Египет и Израел, Хамас досега не добил официјална нова понуда. Сепак, контактите и разговорите со посредниците продолжуваат.

Делегацијата ќе ја предводи главниот преговарач на Хамас, Халил ал Хаја.

Според весникот „Тајмс оф Израел“, египетскиот предлог предвидува враќање на 16 заложници – осум живи и осум тела – во замена за прекин на огнот во траење од 40 до 70 дена и ослободување на голем број палестински затвореници.

На 7 октомври 2023 година, во нападот на Хамас беа киднапирани 251 лице од јужен Израел. Според израелската армија, 58 сè уште се во Појасот Газа, од кои 34 се загинати.

Претходното примирје, постигнато со посредство на САД, Египет и Катар, траеше од 19 јануари до 17 март. Во тој период во Израел беа вратени 33 заложници, меѓу кои и телата на осум загинати, додека беа ослободени околу 1.800 палестински затвореници.

Израел ги обнови воздушните напади врз Газа на 18 март. Од почетокот на израелските напади во октомври 2023 година, убиени се повеќе од 50.900 Палестинци, главно жени и деца.

Поврзани вести