
Вкупно 1.727 деца се запишани во кумановските детски градинки за новата воспитно-згрижувачка година, додека дневно во установите престојуваат околу 1.300 деца, информираат од јавната општина установа „Ангел Шајче“. Со почетокот на учебната година и враќањето на родителите на работните места, повторно се зголемува потребата од дополнителни капацитети за згрижување на децата.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, информира дека проектот за изградба на нова детска градинка е разрешен од административен аспект и за него е издадена градежна дозвола. Општината сега го очекува следниот владин повик на кој проектот треба да биде аплициран.

Проблемот со проектот е разрешен, градежната дозвола е издадена. Чекаме повик од Владата. На претходниот повик, поради еден потпис на техничко решение од страна на службеник, проектот не беше навремено аплициран. Се работеше за проектот за противпожарна заштита, каде што цело време имаше усогласување меѓу Општината и две државни институции – изјави Димитриевски.

Тој додаде дека од Владата има уверување дека проектот ќе биде одобрен на следниот повик, со што би се обезбедил нов капацитет за згрижување на деца во Куманово.
Во меѓувреме, Општина Куманово разговара со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука за можноста неискористените простории во основните училишта да се адаптираат за дневен престој на ученици, а дел од нив да се искористат и за зголемување на капацитетите за згрижување деца.
Отпочнавме разговори со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Општина Куманово, за да се обидеме сите слободни капацитети во основните училишта на територијата на општината да бидат преадаптирани во дневни центри за престој на ученици и дополнително да се зголемат капацитетите на детската градинка – изјави Димитриевски.
Според надлежните, изградбата на новата градинка и искористувањето на расположливите јавни простории се дел од мерките со кои треба да се зголемат капацитетите и да се одговори на потребите на младите семејства.

Македонски


