Skip to main content

Германската владина ЦСУ планира заострување на миграциската политика

Членката на германската коалициска Влада, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), чија одговорност е Министерството за внатрешни работи, сака дополнително да ја заостри миграциската политика во 2026 година, вклучително и зголеменото враќање на бегалците во Сирија и Авганистан.

Намалувањето на нерегуларната имиграција и зголемувањето на бројот на депортации е еден од приоритетите на коалициската влада на канцеларот Фридрих Мерц, која ја презеде власта во мај лани.

Во 2026 година, мора да започнеме офанзива на депортации со редовни летови до Сирија и Авганистан, се наведува во документот подготвен од претставничкиот клуб на ЦСУ за претстојниот партиски конгрес.

Се наведува дека од завршувањето на граѓанската војна во Сирија, „веќе нема причина“ стотици илјади сириски бегалци да останат во Германија, кои „ѝ се потребни на нивната татковина“.

ЦСУ истакнува дека има сè повеќе луѓе кои „одат на одмор“ во Сирија, а за овие луѓе бара „итно откажување“ на дозволата за престој во Германија.

За оние кои се спротивставуваат на враќањето, протерувањето треба да се организира „што е можно поскоро“, се додава во документот.

ЦСУ, исто така, се залага за ограничувања за бегалците од Украина и граѓаните на Европската Унија кои доаѓаат во Германија за социјални бенефиции.

Ќе продолжиме да вршиме притисок врз украинските регрути кои се во Германија да ја исполнат својата должност кога станува збор за одбраната на Украина, додава партијата.

Кога станува збор за граѓаните на ЕУ кои имигрираат во Германија, ЦСУ е за промена на правилото според кое е доволно да се работи само 5,5 часа неделно за да се стекне право на престој во Германија.

Миграцијата на работна сила во Германија не смее да се претвори во миграција на сиромаштија и во германските социјални системи, изјави во петокот шефот на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Александар Хофман, за дневниот весник „Минхенер Меркур“.

Сојузниот министер за внатрешни работи, Александар Добриндт, од ЦСУ е најсилниот застапник на построга миграциска политика.

Подобра контрола на границите и поинтензивни депортации беа иницирани од претходната влада предводена од социјалдемократите, но депортациите честопати не успеваат поради несоработката на земјите во кои се депортираат мигрантите.

Владата во Берлин од неодамна интензивно преговара со земји како Авганистан и Сирија. Во декември, за прв пат од 2011 година, осуден Сириец беше депортиран во неговата земја на потекло.

Поврзани вести