Skip to main content

Германија ги призна ноќните клубови како културни институции

Германската влада одобри измени во градежните прописи со кои за првпат формално се признаваат ноќните клубови како културни институции, што би можело да помогне во зачувувањето на загрозената клупска сцена, особено во Берлин.

Според предлогот на кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц, клубовите повеќе нема да се класифицираат заедно со бордели, казина и барови за возрасни, туку ќе им се даде статус на простори со културна и уметничка вредност.

Ова ќе го отежни нивното преместување во корист на нови градежни проекти, а тие ќе можат да работат во одредени станбени области.

Промените сè уште треба да бидат одобрени од Бундестагот и Бундесратот, но се очекува широка политичка поддршка.

„Ова е историски момент за германската клупска култура“, рече Марк Волрабе, долгогодишен лобист за индустријата за ноќен живот.

Мерката има за цел да го запре феноменот на Клубстербен (смрт на клубовите), кој ја зафати Германија, особено Берлин, во последниве години. Зголемувањето на цените на недвижностите, влијанието на пандемијата и споровите околу бучавата доведоа до затворање на познати места како што се SchwuZ, Watergate и Mensch Meier, пишува The Guardian.

Министерот за култура Волфрам Вајмер рече дека е важно да се разликуваат музичките клубови од чисто забавните објекти и дека ова испраќа силна порака до културните и креативните индустрии.

Иако одлуката беше добредојдена, некои сопственици на клубови предупредуваат дека дојде предоцна.

„Ова можеше да дојде порано и да ни заштеди огромна количина работа и трошоци“, рече Јакоб Туртур, основач на колективот „Јони Кнупел“, кој беше принуден да бара нова локација откако беше иселен од индустриско земјиште.(МИА)

Поврзани вести