Skip to main content

ПОЦ има 6.100 паркинг места, а издадени се над 16.000 повластени паркинг карти – жителите гаражите да ги користат за автомобили, а не за бизнис

Недостигот на паркинг места во Општина Центар со години е еден од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат жителите. Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ) велат дека новиот систем за паркирање има за цел да обезбеди поправедна распределба на јавниот простор и да ги поттикне граѓаните своите гаражи да ги користат за нивната основна намена.

Во моментов, ПОЦ управува со околу 6.100 паркинг места, додека се издадени повеќе од 16.000 повластени паркинг карти. Според претпријатието, ваквиот дисбаланс создава огромен притисок врз јавниот простор и ја наметнува потребата од нов модел на управување со паркирањето.

Од ПОЦ посочуваат дека проблемот не е само во бројот на возила, туку и во недоволното користење на приватните гаражи и паркинг-простори. Наместо за паркирање, тие често се користат како магацини, работилници, деловни простории или се издаваат по високи комерцијални цени.

Особено во населбите Капиштец, Дебар Маало, Буњаковец и централното градско подрачје, голем број сопственици на гаражи ги користат за други намени, додека своите возила ги оставаат на јавните паркиралишта и улиците.

„Јавниот паркинг-простор во Центар е ограничен ресурс. Не е фер ниту одржливо јавниот простор трајно да биде окупиран, додека приватните гаражи стојат празни или се користат за други намени. Наш приоритет е жителите навистина да можат да најдат паркинг во близина на своите домови“, велат од претпријатието.

Согласно новите правила, повластените паркинг карти повеќе нема да се издаваат по жител, туку по станбена единица, односно по адреса. Првото возило ќе остане бесплатно, додека за второто и третото возило ќе се плаќа надоместок.

Од ПОЦ нагласуваат дека целта на мерките не е санкционирање на граѓаните, туку воспоставување рамнотежа и пофер користење на јавниот простор.

„Кога приватниот простор не се користи за својата основна намена, товарот паѓа врз улиците и јавните паркиралишта. Тоа создава дополнителен метеж и незадоволство кај граѓаните. Затоа се потребни јасни правила и фер систем што ќе овозможи поодговорно користење на просторот“, додаваат од претпријатието.

Според ПОЦ, новиот модел треба да придонесе за порационално користење на возилата, поголема искористеност на приватните гаражи и подобра достапност на јавните паркинг места за жителите на кои тие навистина им се неопходни.

Поврзани вести